Американската амбасадорка во Македонија изрази сочувство за трагично загинатиот Тоше Проески

Скопје, 16 октомври (МИА) - Американската амбасадорка во Република Македонија Џилиен Миловановиќ денеска испрати писмо со сочувство за трагично загинатата македонска поп звезда Тоше Проески. 

- Со огромен шок и тага ја примив денеска веста за смртта на Тоше Проески. Моето семејство и јас, како и целата Амбасада на САД изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Тоше, неговиот бенд и менаџер, неговите пријатели и македонскиот народ. Сите сте во нашите мисли и во нашите молитви. Тоше допре безбројно многу животи додека беше со нас. Тој беше извонреден пример за тоа колку добрина еден човек може да даде. Неговата музика и радоста што им ја даваше на милиони, и широката инспирација што тој ја даваше, особено на младите луѓе, продолжуваат да живеат како вечно наследство, наведува Миловановиќ во своето писмо со сочувство.

Во писмото од амбасадорката на САД се додава дека претставувало чест да се работи со Тоше на повеќе проекти, „и се воодоошевувавме на енергијата што ја внесуваше во се што правеше“.

- Во својот прекраток живот Тоше Проески внесе музика, радост, и грижа за другите колку за еден цел човечки живот. Тагуваме поради неговото заминување но, благодарни сме за се што постигна и за се што дари секому со кого се сретна. Топлиот прием што секогаш го дочекуваше Тоше, дали тоа било на стадион исполнет со илјадници луѓе или од детенце кое му дарува играчка, беше одраз на љубовта на Тоше, кон животот, музиката, кон неговата публика и кон неговата земја. Неговото семјество, но и Македонија, изгуби извонреден син, се вели во писмото од амбасадата на САД. гс/дма/12:50

###