Претседателот Црвенковски испрати телеграма со сочувство до семејството на Тоше Проески
Скопје, 16 октомври (МИА) - Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, по повод трагичната смрт на Тоше Проески упати телеграма со сочувство до семејството Проески.
- Потресно и мошне болно ја примив веста за трагичниот настан во кој Вие почитувани родители, го загубивте Вашето чедо, а сите ние нашиот Тоше. Неизмерна тага и болка се вселија во нашите срца. Веста за неговата ненадејна смрт не потресе. Ова е тажен миг. Господ ја дари Македонија со среќата Вашиот сакан син да биде нејзин сопатник, а ние да бидеме благословени со големиот уметник и со неговата хумана душа исполнета со љубов, разбирање и со чувство за сите луѓе.
Тоше Проески, стана легенда веќе на прагот на својата младост. Ги достигна сите уметнички дострели на македонската забавна сцена и многу пошироко на овие простори. Несреќата, прераната смрт, го запре неговиот поход на светските музички простори. Тоше загина, а не умре. Неговиот лик, неговиот уникатен бисерен глас и неговата хумана доблест, оставија трајна длабока трага што нам, на сите идни генерации, ќе ни ги негува сеќавањата и чувствата за нашиот Тоше Проески, се вели во телеграмата од претседателот Црвенковски. дма/вј/13:52