Премиерот Груевски испрати телеграма со сочувство до семејството на Тоше Проески
Скопје, 16 октомври (МИА) - Македонскиот премиер Никола Груевски денеска испрати телеграмата со сочувство до семејството на трагично загинатата македонска поп звезда Тоше Проески.
- Веста за смртта на Тоше Проески ја примив со големо жалење. Денеска претрпевме огромна загуба. Изгубивме млад човек кој беше икона на македонската музика, непроценлив музички талент, човек по кој Македонија беше препознавана надвор од своите граници, но и голем хуманист, кој неуморно бараше начини како да им помогне на луѓето и општеството. Замина прерано. Позади себе остави голем број професионални остварувања, но за жал, многу од неговите планирани активности останаа нереализирани. Кога пред околу три недели, со него разговаравме во мојата канцеларија, огромен впечаток ми остави неговата искреност, ведрина, полетност, верба во Бога и големата желба да им се помогне на луѓето кои што имаат потреба за тоа. Неговите зборови ќе останат врежани во мојата свест како симбол за тоа што значи да се биде добар, што значи да се верува во Бога и во луѓето. Тој беше човек што знае да сонува, што знае да верува, човек, кој чувствуваше, кој помагаше, кој го живееше животот предводен од длабоката етичка и космополитска димензија. Тој беше, и ќе продолжи да биде наша гордост и гордост на нашата држава, Република Македонија, а неговите дела ќе останат непроценливо богатство за нашата земја, гордост за секој Македонец и една трајна уметничка вредност во која вечно ќе живее неговата културна големина. Вие, неговото семејство го загубивте Вашиот син, а нашата држава загуби млад човек кој со своето творештво и општествена активност ја задолжи музичката уметност и Македонија. По повод неговата смрт, Ве молам примете ги изразите на моето искрено сочуство. Нека му е вечна слава, се наведува во телеграмата со сочувство испратена од премиерот Груевски. гс/дма/13:45
###