Нуиќ: Непочитување на сообраќајните прописи причина за сообраќајната несреќа на Тоше

Загреб, 16 октомври (МИА) - Портпаролката на  Бродско-посавската полициска управа на Република Хрватска Ката Нуиќ по завршениот увид  на местото несреќата за МИА изјави дека Тоше Проески загинал на самото место на несреќата, а неговите сопатници Лилјана Петровиќи и Ѓорѓе Ѓорѓевски се пренесени во болница во Нова Градишка.

- Во оваа сообраќајна несреќа смртно настрада Тодор Проески, додека другите две лица се здобија со телесни повреди и се пренесени во болница во Нова Градишка, рече Нуиќ.

- Поради непочитување на сообраќајните прописи, односно неодржувањето на потребното растојание помеѓу возилата, дошло до удар на предниот дел на „туарег-от“ со странично левиот дел на полуприколката на товарното возило со италијански регистарски таблички, за потоа да дојде до занесување на „туарег-от“ и удар во заштитната средишна ограда,  информираше Нуиќ.

Несреќата се случила утрово во 6 часот и 25 минути на 170-тиот километар од автопатот Загреб  - Липовац, кај местото Нова Градишка. Во несреќата 32-годишниот државјанин на Македонија Ѓорѓе Ѓорѓевски  управувал со автомобилот марка „туарег“ со македонски регистарски таблички, во кое патувале и Проески и Петровиќ.  

Нуиќ додаде дека увидот е завршен во 9 часот и 45 минитуи и дека сообраќајот на автопатот кој течел со намалена брзина повторно е нормализиран. хс/гв/12:22

###