Почит за Тоше на плоштадот во Скопје
Скопје, 16 октомври (МИА) - Плоштадот „Македонија“ е полн со расплакани граѓани кои по веста за трагичната смрт на Тоше Проески спонтано се собираат во центарот на Скопје. Најбројни се младите, неговите обожаватели, кои палат свеќи во спомен на поп-ѕвездата.
Голем број ученици ја напуштија наставата за да му одадат почит на својот идол, кој утрово загина во сообраќајна несреќа во Хрватска.
Отворени се неколку книги на жалост, а Македонската православна црква обезбеди бесплатни свеќи. Забележливо е и присуството на голем број лица од македонската музичка сцена.
Посмртните останки на Тоше ќе бидат преземени од Хрватска денеска со хеликоптер на Армијата на Република Македонија. ли/хс/14:27