Шекеринска: Тоше успеа во она што не можеше ниту еден политичар, ниту една партија, идеја или идеологија во Македонија, а тоа е да не сплоти сите заедно
Прилеп, 16 октомври (МИА) - Се уште не можам да поверувам дека го нема Тоше Проевски. Но сеќавањата за неговиот прв настап на „Мелфест“ пред 11 години се се уште свежи и никогаш нема да избледат, вели Пеце Стојкоски, директор на фестивалот „Мелфест“ од Прилеп, каде Тоше настапи 1996 година.
- Тогаш ја испеа песната Yesterday на Битлси и уште тогаш го носеше гласот на Џон Ленон. Уште во тие почетоци се препознаваше дека Тоше еден ден ќе биде најголема ѕвезда во Македонија, како за нашата земја така и за сите земји наоколу, истакна Стојкоски.
Тој се сеќава дека во 1996 година на фестивалот допатувал со неговите родители.
- Ги направивме првите проби на клавир, а тој беше многу подобар и од звуците на клавирот. Уште тогаш почнаа преговорите со МТВ и со продуцентите за кариерата ан Тоше. Наредната 1997 година Тоше Проески вторпат настапи на „Мелфест“ со композицијата My love is Хулио Инглезијас и Стиви Вондер. Таа композиција и онака како што Тоше ја испеа, ги растрепери срцата на безброј млади на фестивалот. Уште еднаш блeсна неговата харизма и се познаваше дека нашата мега ѕвезда е на пат, вели Стојкоски, изразувајќи длабоко сочувство до најблиските на Тоше.
- Денеска сите сочувствуваме со болката на семејството на Тоше Проески и со болката на неговите најблиски. Денеска во болка се обедини цела Македонија, изјави Радмила Шекеринска, претседателката на СДСМ за време на нејзиниот престој во Прилеп која ги откажа политичките активности, нагласувајќи дека „тие паѓаат во заборав при огромната загуба по Тоше Проевски“. -
Во целата своја кариера Тоше Проески ни покажа дека се добрина, со љубов и со грижа кон сите други навистина се можни чуда. На Тоше му појде од рака, рече Шекеринска, она што не му успеа на ниту еден политичар, на ниту една партија, идеја или идеологија во Македонија, а тоа е да не сплоти сите заедно.
- Македонија денеска е обединета во болката како што беше обединета во гордоста сите овие години дека имаме една таква ѕвезда која не претставува надвор од границите на државата и ѕвезда која им носи радост и среќа на сите граѓани, особено на младите, додаде таа.
Шекеринска даде предлог по најитна можна постапка Република Македонија да му се оддолжи за се она што Тоше Проески го направи за граѓаните, и за нашата држава со највисоко државно одликување.
- Мислам дека тоа Тоше ниту го очекувал, ниту го барал, но тоа е најмалку што може да го направиме за да покажеме колку ни беше важно она што Тоше Проески го работеше и она што го остави зад себе, изјави Шекеринска. рм/гс/13:52
###