Скопје, 9 ноември (МИА) - Дваесет и осумгодишниот Виктор Карамарков од Скопје е третиот сериски убиец во Македонија, кој бил високо интелигентен, го читал Достоевски и бил првенец на генерација во средното градежно училиште „Здравко Цветковски“.
Карамарков се наоѓа во затворот во „Идризово“, а МВР во текот на денот ќе поднесе кривична пријава за четири убиства и пријава за три обиди за убиство, што се случија во последните осум месеци на подрачјето на Скопје, а жртви беа повозрасни жени. Осомничениот и претходно полицијата со потерница го барала за издржување казна затвор од осум месеци за кражба.
На денешната прес - конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јнакулоска, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски и инспектори кои учествувале во пронаоѓањето на серискиот убиец, информира дека Карамарков, со судска наредба во „Идризово“ е под посебен третман, со оглед на тоа што бил склон на самоубиство.
Тој досега се товари за убиството на Љубица Христовска (83), Елена Миева (69), Босилка Красоевиќ (71), Вера Богоевска (76) и обиди за убиство врз три жени на возраст од 42, 73 и 70 години, во трговскиот центар „Мавровка“ и на улиците „Железничка“ и „Иво Лола Рибар“.
- На полиграфското испитување ги призна делата и посочи други детали и информации поврзани со истрагата кои не би можеле да бидат познати на лице кое не учествувало во злосторствата, рече министерката Јанкулоска.
Во рамки на операцијата „Раскољников“, полицијата сослушала над 200 лица и десетици проверки и претреси за пронаоѓање траги и идентификување и лоцирање на сторителот.
Карамарков, со секира обвиткана со најлон, убивал од користољубие и без претходен план и шема за убиствата. Како што изјавил, губел контрола кога на стариците од кои барал пари за лекување на неговата болна мајка, ќе го видел златниот накит кој го носеле. Ограбениот накит го продавал и со парите набавувал наркотични средства.
Направениот фоторобот, распитот на 200 лица од кои се појавиле четворица подобни сведоци кои го препознале сторителот, како и разузнавачките информации биле клучните во истрагата на МВР за пронаоѓање и потврдување на идентитетот на убиецот.
По последното убиство на 25 минатиот месец бил во црквата во скопската населба Ѓорче Петров каде се исповедал, како и секој пат по извршено убиство, и решил да се самоубие бидејќи не можел да се соочи со психолошкиот притисок од кривичните дела кои ги сторил.
- Ноќта по последното убиство во неговиот дом Карамарков е лишен од слобода, но покажуваше знаци на предозираност и веднаш е однесен на Клиниката за токсикологија каде му е укажана помош. Решил да се самоубие, по последното убиство и испил поголема количина лекови, појаснуват од полицијата.
Од МВР посочуват дека Карамарков, кој се соочува со неколку казни - доживотен затвор за сторените дела, бил во добра физичка кондиција и секојдневно пешачел по околу 20 километри, што е нетипично за наркозависниците. цр/паг/15:31
###