Софија/Букурешт, 8 февруари (МИА) - Обилни снежни врнежи и силен ветер во текот на викендов беа забележани во поголемиот дел од Бугарија и Романија, така што во двете земји сообраќајот се одвиваше исклучително тешко или е во целосен прекин.
Во Бугарија ситуацијата е најлоша во североисточните области, каде во повеќе места е прогласена вонредна состојба.
Во североисточната област Силистра се затворени градинките и училиштата, како и сите патишта.
Електроенергетската компанија ЕВН Бугарија соопшти дека нејзините екипи се обидуваат повторно да воспостават нормално снабдување со струја за 149 села во југоисточна земја, кои без електрична енергија останаа, откако испукаа 42 далноводи.
Државниот институт за метеорологија и хидрологија предупреди на зголемена опасност од големи снежни наноси, поради обилните врнежи од снег и силните ветрови.
Три вагони од композицијата, која сообраќаше на релација од Москва до Софија, излегоа од шините на околу 12 километри од бугарската престолнина, соопшти бугарската железница, нагласувајќи дека во несреќата никој не е повреден и оти се истражува причината поради која е предизвикана.
Во Букурешт патниот сообраќај се одвива отежнато, е екипите за расчистување на улиците работеа цела ноќ, за да овозможат проодност на главните улици.
Според соопштение на романската полиција во изминатите 24 часа се забележани 37 сообраќајни несреќи.
Поради обилните снежни врнежи сообраќајот во Романија е запрен на 16 сообраќајници во јужниот и југоисточниот дел на земјата, а поморските власти соопштија дека сообраќајот е запрен и во речните пристаништа. ац/15:41
###