Никозија, 9 февруари (МИА) - Еден од коалициските партнери во кипарската Влада - Движењето на социјалдемократите (КС-ЕДЕК), се повлече од владината коалиција, обвинувајќи го претседателот Димитрис Христофиас дека прави отстапки пред кипарската турска страна во преговорите за обединување на островот.
Повлекувањето не значи свикување парламентарни избори, бидејќи Кипар е претседателска република, а според аналитичарите малку е веројатно чекорот на ЕДЕК да влијае врз кипарските преговори, бидејќи позицијата на партијата била добро позната и порано.
- Не можеме да поддржуваме уништувачки стратегии... Да ја напуштиме Владата е политички одговорно и морално правилно, изјави претседателот на ЕДЕК Јанакис Омиру.
Сега во владината коалиција на Кипар остануваат партијата на претседателот Христофиас - Прогресивната партија на работниот народ (АКЕЛ), и центристичката Демократска партија (ДИКО).
Редовните претседателски избори треба да се одржат во 2013 година. нд/8:13
###