Брисел, 12 март (МИА) - Главоболката, што грчката должничка криза и ја предиавикува на Европската унија, ќе биде занемарлива во споредба со проблемите што ја очекуваат доколку слична судбина ја зафати некоја од поголемите земји-членки, како Шпанија, на пример, оценуваат експертите.
Шпанија има стапка на невработеност од речиси 20 отсто, голем буџетски дефицит, значително задолжен приватен сектор и слаби шанси за раст, што може задолженоста на оваа земја да ја направи цел на шпекулации, доколку проблемите на официјална Атина станат „заразни“ за еврозоната, се наведува во анализата.
Неможноста на Грција да ги врати долговите ќе го зголеми притисокот врз еврото, но штетата веројатно ќе биде ограничена, затоа што оваа држава придонесува со помалку од три отсто во бруто домашниот производ на еврозоната.
Шпанската должничка криза, меѓутоа, може да биде многу поголем проблем за ЕУ, затоа што стопанството на оваа земја е четврто по големина во еврозоната и придонесува за нејзиниот БДП со речиси 12 отсто.
-На Унијата голема главоболка би можело да и зададе кога кризата би се проширила од Грција на Португалија, затоа што следната земја веројатно ќе биде Шпанија. Тоа би претставувало многу голем проблем за еврозоната во целина и ќе биде многу потешко за решавање, оцени аналитичарот на бриселскиот Центар за европски политички студии Чинција Алчиди.
Членките на ЕУ не и ветија никаква финансиска помош на Грција, но, имајќи во предвид дека кризата може да се прошири и на државите како Шпанија, тие сега ја разгледуваат идејата за формирање на Европски монетарен фонд, што ќе понуди помош во евентуалните идни кризи. Меѓутоа, дури и таков фонд ќе има тешкотии во случајот на Шпанија, укажуваат аналитичарите.
-Во случајот на Шпанија износот на потребни средства ќе биде многу поголем отколку во случајот на Грција и многу е тешко да се замисли како тие би можеле да обезбедат толку големи средства, изјави Жолт Дарваш од истражувачката агенција „Бриегл“, со седиштево Брисел.
Проблемот на Шпанија во голема мера се предизвикани со распрснувањето на „меурот на недвижнини“, што го зафати секторот градежништво од кого стопанството стана и премногу зависно, па многу луѓе и компании завршија во големи долгови. сд/11:17
###