Скопје, 12 март (МИА) - Собранието на Република Македонија попладнево, во рамки на 97. седница го усвои Предлог-законот за служба во Армијата на Република Македонија.
Во претпладневниот дел од седницата, парламентарците од ВМРО-ДПМНЕ го квалификуваа законот како одлично решение кое на професионалните војници ќе им овозможи по 38-та година да бидат активна резерва, преквалификација, бесплатно здравствено лекување и месечен надомест од 7.000 денари, согласно можностите на државата.
Опозициските пратеници, пак, оценија дека законот не е добар, не го решава трајно статусот на пртофесионалните војници и има одредби кои се противуставни. Тие побараа повлекување на текстот од собраниска процедура, негова експертска анализа и евентуално изготвување нов.
- Законот е издржан и нуди одлични решенија, посоебно за професионалните војници. Првпат некој размислува за нив. Министерството за одбрана како никогаш досега направи заложба, оствари контакти со сите засеганти, рече Цветко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ, реплицирајќи му на Горан Минчев од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ уште 10 години да биде на власт, напомена Грозданов, тешко ќе ги реши проблемите што ги наследи од СДСМ.
- Хипокризија е кога изразувате чувства за некого што сте го оставиле на улица. Излезете меѓу овие луѓе и кажете им зошто го сторивте тоа наместо да одите во шталите кај ваши фармери со неколку телиња и кокошки, истакна Грозданов, додавајќи дека оваа власт за разлика од претходната ги решава проблемите систематски.
Минчев предупреди дека усвојувањето на законот кој, според него, не соодветствува на современите текови и практиките во европските земји, ќе остави на улица минимум 4.000 лица.
- Судбината на 4.000 луѓе ќе зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Со вашето стискање на копчето одлучувате за 4.000 судбини и нивните семејства, дали ќе останат на улица или ќе им овозможиме минимум живот, рече Минчев.
Тој за донесувањето на законот директно го обивни ресорниот министер Зоран Коњановски.
- Не се во прашање само професионалните војници. Со законот не се согласува и најголем дел од цивилниот сектор. Коњановски излажа дека при подготвувањето на текстот се консултирани сите релевантни фактори што не е точно, а ВМРО-ДПМНЕ која се декларира како народна партија, воопшто не дозволи претставниците на независниот синдикат да ги поднесат своите барања, рече Минчев.
Предлозите на СДСМ во врска со решавањето на статусот на професионалните војници, потсети Минчев, се продолжување на стажот за седум години, до 45 години старост, обезбедување паричен надомест до 55 години и потоа пензионирање.
- Ако оваа опција е неприфатлива, нудиме уште две, по 38 години старост на професионалните војници да им се овозможи вработување во која било државна институција при Министерството за одбрана или да им се даде откупнина од 15.000 евра што ќе им овозможи да отворат нов бизнис по 38 години, објасни Минчев.
Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ констатира дека предлозите на СДСМ нема да го решат, туку само ќе го пролонгираат проблемот.
- Не знам како ја утврдивте еднократната помош. Месечниот надомест дефиниран во законот е подобра варијанта за ситуацијата на војниците, а синдикатот за кој зборувате може да го формира секој поединец. Оттука, се поставува прашањето дали и колку е репрезентативен и дали е дефинитивно и издржано неговото мислење, рече Трипуновски.
Менде Диневски од СДСМ праша зошто професионалните војници протестираа ако законот, како што вели владејачката партија, е толку добар.
Предлогот нема да го поддржи и НСДП зашто со него, како што објасни Горан Мисовски, професионалните војници се практично изманипулирани.
Пратениците без расправа попладнево ги усвоија и измените на законот државни службеници со кој се регулира статусот на вработените во Агенцијата за Катастар на недвижности, како автономна самофинансирачка институција. Со новиот закон и се овозможува на Агенцијата да ги задржи квалификуваните кадри. Целта е да се исправи привидот направен и поради специфичниот приод на работите кои ги извршува Агенцијата, одредени прашања поврзани со правата, обврските и одговорностите на вработените, да може да ги уреди на различен начин од Законот за државни службеници.
Собранието не ги усвои Предлог законот за издавање ваучери и Предлог законот за изменување на Изборниот законик, а ги усвои измените и дополнувањата на Законот за заштита од пушењето, поднесени од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако го исцрпија дневниот ред на 97. седница, пратениците продолжија со работа по точки од 95. седница. Притоа не ги усвоија заклучоците за Информацијата за состојбата со производството, откупот и пласманот на јаболката од реколтата 2009, поднесена од пратеници од СДСМ.
Пред да почне расправата по Информацијата за состојбите во државните електрани АД ЕЛЕМ, поднесена, истотака, од пратеници од СДСМ, претседателот на Собранието на барање на пратеничката група на СДСМ даде куса пауза за да се почека да пристигне вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски. сст/дма/15:48
###