Велес, 31 јули 2010 (МИА) - Во рамките на деветтиот Интернационален фестивал на античка драма Стоби 2010 синоќа беше успешно изведена претставата „Едип – празникот на ослепувањето“ на трите државни куклени театари од Бугарија - од Пловдив, Бургас и од Стара Загора, во режија на Руслан Кудашов.
Публиката во амфитеатарот во Стоби беше фасцинирана од спектакуларната изведба, несекојдневно поставена со современи инсталации, мошне интересни за публиката.
- Имате прекрасен фестивал за античка драма и среќен сум што сум тука. Се чувствувам одлично бидејќи според реакциите на публиката претставата помина одлично. Ова беше модерен начин да се погледне на проблемот на Едип и како би звучел во денешно време, и со напорна работа на трите театари успеавме да ја направиме оваа претстава. Ова ни е прва изведба на претставата на античка сцена, а ја изведуваме веќе една година. Имав впечаток како да сме на премиера. Со претставата планираме учество и на други вакви и слични фестивали, изјави Румен Караманов, кој го играше Едип, по синоќешната изведба во Стоби. Тој додаде дека очекува од ова гостување во Македонија да произлезе нова претстава во соработка со македонските колеги.
Задоволство од учеството на древната сцена во Стоби искажаа и актерите Татјана Андреева, која ја играше улогата на Исмена, и Живко Джуранов, кој настапи како Етекол.
Претставата „Едип – празникот на ослепувањето“ беше последна во конкуренција за една од наградите на фестивалот - Гран-при за најдобра претстава, за најдобар актер, актерка, режија и најдобра колективна игра.
Фестивалот на античка драма Стоби 2010 ќе биде затворен вечер во 21 часот со доделување на наградите. Во чест на наградените , Народниот театар „Војдан Чернодрински‘‘ од Прилеп ќе ја изведе претставата „Крпен живот‘‘ од Стале Попов во режија на Владо Цветановски. ад/хс/ 10:46
###