Вашингтон, 31 јули 2010 (МИА) - Недоволно категоричните политики на европските земји во голема мерка се причина за бавното економско опоравување на САД од големата рецесија во последниве две години, оцени Белата куќа.
Според податоци на американската Администрација, објавени доцна синоќа, темпото на раст на САД во вториот квртал од оваа година се намалило на 2,4 отсто од 3,7 проценти колку што беа забележани во првите три месеци од 2010.
- Нема сомнеж дека се соочуваме со ветер во гради. Тоа што се случи во Европа, што се случи во Грција во текот на пролетта, беше голем дел од тој ветер во гради, изјави портпаролот на Белата куќа, Роберт Гибс.
Тој нагласи дека САД презеле сериозни решенија за стабилизирање на својот финасиски систем и за поттикнување на економскиот раст, што, според него, не е случај со Европа.
- Искрено кажано, Европа не направи нешто такво. Тоа без сомнеж го попречи нашиот раст, како и целиот глобален раст, додаде Гибс.
Европската комисија одби да ги коментира ваквите изјави на Гибс. Претставник на Комисијата само нагласи дека е „тешко да се прави споредба меѓу европската и американсакта економија, имајќи ги предвид историјатот и ефектите од кризата“. сп/9:09
###