
Скопје, 31 јули 2010 (МИА) - Со 14 гласа „за“ и 69 „против“ Собранието го отфрли барањето за интерпелација за работата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ интерпелацијата за работата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска беше непотребна, неоснована и побара опозицијата да ја повлече, додека нивните колеги од опозицијата сметаат дека нејзината работа придонесува за тоа Македонија да стане полициска држава и оти е директно одговорна за упад во парламентарната демократија.
- Со аргументи и факти ви кажувам дека досега немало подобар министер за внатрешни работи од Гордана Јанкуловска, рече Крсто Мукоси од ВМРО-ДПМНЕ.
За Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ целта на интерпелација и барањето за смена на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски е обид за лоцирање на вината за првојулскиот инцидент во Парламентот кај Министерството за внатрешни работи и првиот парламентарец.
- СДСМ направи грешка. Со обидот за дефокусирање на овој проблем го направи настанот само повидлив и посочи на фактите за јавноста да види што се случило во Собранието, рече Николовски. За него најбитната работа на што укажаа и многу други негови колеги е дека Анкетната комисија треба да ја заврши својата работа и да го расветли инцидентот. СДСМ, според него, почна да го руши тоа со барањето за смена на Вељаноски и интерпелацијата на Јанкуловска.
Владо Бучковски од СДСМ реплицираше дека ќе беше грешка доколку опозицијата молчеше и се согласеше дека столбот на држвата е МВР. - Јанкуловска покажа дека не е дорасната за оваа функција и оти ова е полициска држава, рече пратеникот.
- Кој упадна и со чија дозвола упаднаа во Собранието вооружени необележани лица. Јас сум една од учесниците од овој настан и повторно да се случи вакво нешто со ентузијазам и со сета сила ќе ја бранам демократијата, рече координаторката на пратеничката група на СДСМ Цветанка Иванова.
Демократија не се гради со физичко насилство, реплицираше Николовски.
Четири години сме сведоци на континуирани напади за министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловски. На кого му одговара Јанкуловска да не биде министер за внатрешни работи? На Бајдуш Сејдиу, на Бранислава Чочоровска, на Агим Красничи.., му реплицираше Влатко Ѓорчев на неговиот колега од опозициската СДСМ Никола Ќуркчиев.
Менде Диневски од СДСМ изрази жалење што дел од членовите на Анкетната комисија за расчистување на инцидентот од 1 јули во Собранието го искажале својот став за него.
- Никој не е виновен додека не се докаже тоа. Пресудата стигна токму од ВМРО-ДПМНЕ, изјави Диневски кој се наврати на случајот со Душко Илиевски, млекарот од Битола притворен за одгледување коноп.
Реплицирајќи му на Диневски, министерката Јанкуловска рече дека се согласува со него дека не треба да се коментира пред судовите да го кажат својот збор за случајот.
Абедин Зумбери од Нова Демократија, како што рече, изрази револт поради должината на времето кое се чека за издавање лични документи и застапеноста на Албанците во Министерството за внатрешни работи. Зумбери посочи на наводни монтирани случаи и случаи кога биле убиени некои лица, кои според него, можеле да бидат уапсени.
Дебатата помина со многу обвинувања меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата и дофрлања од место.
На предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Собранието ги изгласа и одлуките за избор на претседател и заменик претседател на Комисијата за верификација на фактите и за именување член на Советот на НБРМ од редот на вицегувернерите. Во следните шест месеци претседател на Комисијата за верификација на фактите ќе биде Томе Аџиев, адвокат од Битола, а негов заменик Агим Мехмети. За член на Советот на НБРМ е избрана Анита Ангеловска Бежоска, која во понеделникот беше именувана за нов вицегувернер. ев/0:01