Прага, 31 јули 2010 (МИА) - Трошењето на парите, за повеќе од 80 проценти од чешките домаќинства не е причина за караници, туку најчесто сопружниците тоа го прават за тоа кој ќе чисти со правосмукалката, покажува најновата Студија за семејството и вработувањето направена од чешкиот Институт за труд и социјална политика.
Општо земено, како што јави дописникот на МИА од Прага, Студијата покажува дека за поделбата на домашните работи полесно се договараат брачните партнери кои се со високо образование, отколку оние со пониска школска подготвеност.
На прашањето, „како треба да се дели работата во домаќинството“, три четвртини од Чесите мислат дека тоа треба да биде рамноправно за двајцата партнери.
Но, така е само теоретски, во пракса работите стојат поинаку. Речиси сите социолошки истражувања покажуваат дека жените поминуваат повеќе време со децата и во домашните работи.
Кај мнозинството во Чешка преовладува мислењето дека мажот е тој што го издржува семејството, а жената треба да се грижи за домаќинството. Тоа и во случај кога жената заработува исто или дури и повеќе од мажот.
Жените обично се поконзервативни во своите ставови за распределбата на улогите во рамки на домаќинството.
За ова, според социолозите, има неколку природни причини. Жените најчесто поминуваат повеќе време со семејството, го средуваат домот и нивните приоритети зависат најчесто од тоа дали имаат едно или повеќе деца.
Ставот дека мажот и жената треба да имаат исти задолженија во домаќинство според најновата чешка студија, го поддржуваат 63 отсто од мажите и 78 отсто жени кои имаат две деца.
Поголемо учество на партнерот во домаќинството би сакале само една третина од жените кои учествуваа во анкетата.
Повеќе од половината жени се задоволни од досегашната „домашна“ работа на брачните партнери.
Според експертите, овие резултати говорат повеќе за тоа дека чешките жени однапред знаат кои се реалните очекувања од нивните партнери во заедницата, па така и се однесуваат. сќ/сп/10:58
###