Белград, 31 јули 2010 (МИА) - ЕУ до ОН нема доставено никаква предлог-резолуција за Косово, бидејќи членките на Унијата се уште разговараат и ја координираат својата позиција за ова прашање, изјави денеска во Белград грчкиот заменик-министер за надворешни работи Димитрис Друцас.
На заедничка прес-конференција по денешната средба со шефот на српската дипломатија Вук Јеремиќ, Друцас оцени дека единствено одржливо решение за земјите од Западен Балкан е она кое ги води во ЕУ.
Друцас, кој престојува во дводневна посета на Србија, синоќа имаше средба со српскиот претседател Борис Тадиќ, кој повтори дека пред доставувњато на сопствената предлог-резолуција за Косово, Белград се консултирал со своите европски партнери.
Посетата на Друцас на Белград има за цел да ја промовира иницијативата на Атина за повторно отпочнување дијалог меѓу Србија и Косово, по објавувањето на советодавното мислење на Меѓународниот суд на првадата дека со косовската независност не е прекршено меѓународното право. Од Белград, Друцас попладнево ќе отпатува за Приштина.
Претходно, денеска и белградскиот весник „Политика“ објави дека Европската унија не подготвила сопствена резолуција за Косово и не упатила никаков предлог-текст до своите земји-членки, негирајќи ја на тој начин вчерашната информација на српската држвана телевизија РТС дека високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон изработила таков документ.
- Сигурно ќе знаевме ако постои предлог-резолуција на ЕУ и ако Кетрин Ештон испратила нешто такво до земјите-членки, но бидејќи не знаеме, заклучуваме дека нешто такво и не постои, изјавил неименува европски претставник за „Политика“.
Како што јави синоќа РТС, Ештон на земјите-членки на Унијата им доставила предлог-резолуција за Косово, во која се прифаќа мислењето на Меѓународниот суд на правдата, а Белград и Приштина се повикуваат да почнат дијалог во духот на добрососедските односи.
Со почит го прифаќаме консултативното мислење на Меѓународниот суд во Хаг од 22 јули 2010 година, дадено на барање на ОН, дека прогласувањето на независноста на Косово е во согласност со меѓународното право, се наведува, според РТС, во резолуцијата.
Во текстот, што наводно го изготвила Ештон, се повикува Генералното собрание на ОН да побара од двете страни да го продолжат со развој на добрососедските односи, демократијата и регионалната и економската соработка во согласност со нивната европска перспектива.
Соговорникот на „Политика“, сепак, наведува дека содржината на вака објавената наводна предлог-резокуција „во целост е на линијата на ЕУ“. сп/12:14
###